Macedonian shepherd dog - Karaman

Македонско овчарско куче-караман

Добредојдовте на оваа информативна страница во која ќе можете да се запознаете со македонското овчарско куче-караман. Тука ви нудиме податоци за изгледот на расата, за нејзината функционалност, а ќе ви го претставиме и Стандардот на македонското овчарско куче-караман. 

            Со осамостојувањето на Република Македонија се појави разбирлива потреба за национално куче. Оваа сe уште неофицијализирана раса сe повеќе се омасовува меѓу Македонците. Всушност, овој вид куче не се создава денес, тоа е стварано долго време во дивата планинска природа во Македонија, па затоа сега можеме да зборуваме само за реставрирање на расата која, патем, е пред исчезнување. Зачувувањето на Македонското овчарско куче-караман е замислен повеќедецениски проект на браќата Влатко и Марјан Костовски.

            Во почетокот, кога се појави идејата за зачувувањето на караманот, се појавија голем број пречки кои се обидоа да ја елиминараат оваа живототворна неимарска акција. Сепак, и покрај тоа, проектот продолжува и тоа со сe поголем интензитет.

            Најнапред, како што веќе најавивме, ви претставуваме фотографии на изворни примероци на карамани:


   Ниедно друго куче во историјата на човештвото не добило толку простор во народната поезија како што е тоа со караманот. Во сите нив караманот се опева како храбро овчарско куче кое редовно е убивано од крадци бидејќи е неподмитлив чувар на стадото овци. Особено се познати повеќето варијанти на песните за овчар Пејко:

        

Три овчари и челник Пејко

               

            Три јовчари, три чобани,

            офци пасе', девет стада;

            обарале девет гори,

            нијде вода не најдоа;

            Нито вода, нито трева.

            Си седнале да вечере.

            Одговори челни Пејко:

            -Ој овчари три чобани!

            Повјасајте, вечерајте;

            Нараните клета кучка,

            клета кучка, Карамана,

            Карамана, караѓоза;

            да не дојде клети Турци,

            клети Турци, Арнаути!-

            Јошче речта не дорече,

            јошче зборо не доврши,

            престигнале клети Турци,

            клети Турци, Арнаути:

            ми фатиле челни Пејко,

            му врзае бели р'нци,

            бели р'нци најопако;

            завериле силно стадо,

            одговоре челни Пејко:

            -Ој ви, Турци, Арнаути!

            Пушчи те ми десна р'нка,

            да засфира шарен кавул,

            да засфира жално ј милно,

            да се проста' со голина,

            со голина, со долина

            и со мојта првна љубна;

            да киниса силно стадо!-

            Му пушчие десна р'нка,

            ми засвири шарен кавул:

            "Енгелино прво љубно!

            Ако спиеш, разбуди се;

            ако дремиш, просто стани;

            да си земиш тфојте братја,

            тфојте братја, мојте шурја;

            да товариш девет м'ски,

            девет м'ски бела пепел,

            да престигнеш Струма река;

            да ми фрлиш бела пепел,

            да ми стане' темни м'нгли...

.


 


Сe уште се живи постарите овчари кои биле сведоци на големите подвизи на караманите. Еве една трогателна случка за еден караман кој го жртвувал својот живот за својот верен другар-овчарчето и за овците:

 

Караманот Карчо

 

"Секој ден се среќававме на еден поголем рид десно од селото: Трајче со неговото стадо, јас со мојте стотина овци, Спире со трите крави, Алим со селските говеда и Крсто со стадото од овци и кози. Бевме деца, без грижи со по петнаесетина години. Додека добитокот пасеше, скокавме, фрлавме камен преку рамо и разни други игри. Времето минуваше со смеа и со соништа за иднината. Се беше добро додека еден ден не се случи нешто од што коса се крева и од што човек долго време не може да си го прибере сонот ноќе на постела. Еве вака беше:

            Таа сабота, есенска и студена, стигнав многу порано од другите на местото на кое се среќавав со другарите. Кавалот го извадив и засвирив. Стадото го облекло ридот во бела руба по малку попрскана со црни точки за да не му студи. Ми се чинеше како ридот по малку да се перчеше пред другите ридишта голи како издрскана сиромаштија. Дури и помислив како да заигра од среќа што беше завиено во мека преѓа. Старата крушка, до која бев потпрен, одамна била насадена и, како што кажуваа дедо и баба, од дамнина чувала тајни за самовили што излагале по некогаш и играле околу дрвото.

            Се слушна завивање. Наеднаш се престана: и кавалот и перчењето на ридот и мојата занесеност. Изрипав како да сум седнал на крушкино трње. На сите околни ридови имаше по еден волк- вкупно четири. Нагоре високо удоле длабоко. Море како високо, на две на три рипнав на крушката и од око измерив дали може да ме дофати со скок некој од волците. Кога се осигурив дека не ми можат ништо, почнав да викам на цел глас за да ме слушне некој што ќе ме куртули од бељата. Ни пиле да помине, ни па другарите со кучињата да стигнат. Волците почнаа да колат. Овците паѓаа како детелина на косење. Кај најде татко да го врзе Карчота баш некни. За да не одел по кучки! Солзи ми потекоа кога ја видов калешка како паѓа цела во крв. Од мала ја одгледав, уште од кога умре мајка и додека ја раѓаше. Меот и го растргнуваа и крвта и ја локаа гладните волци. Снеможев од викање и кога веќе се помирив со судбината, од далеку гледам како трча Карчо накај мене и крвавото стадо. Како сетил дека барам помош, не знам. Ме фати жал и за него - ќе го растргнат волците, многу се. Да беше еден, пак некако. Додека беше помлад, еден волк сам имаше удавено. Кога кучето стигна, само занемев и почнав да го гледам мегданот без да земам воздух. Ми се чини дека се беше застанато, целата слика како да беше замрзната.   

            Карчо ја дигна опашката, се накостреши за да изгледа поголем и во еден брз миг се нафрли врз најблискиот волк кој беше доста крупен. Го фати за половината, го стегна силно, па откако му се вдаде за врат, попатно го докачи за увото. По неколку тресења за вратот, волкот престана да диши. Не чекаше ни за миг, веднаш рипна на еден поситен волк. Е тука запна работата. Овој беше многу брз, така што веднаш се закачи на Карчовиот врат и почна цврсто да држи. Караманот, чекајќи погоден момент, кога волкот малку како да го попушти стегањето, користејќи ги сите нозе, се одби ненадејно со сета сила и, откако го грабна волкот за чурило, почна да го влече кај што сака по мегданот. По подолго држење, волкот доста искрвави и кога веќе одвај се држеше на нозе, кучето го фати за врат и го задави. Така заморен, караманот си ја продолжи работата: потклекна многу вешто како секој искусен борец кога на него тргна еден млад но строен волк и, откако волкот падна невешто врз трњето, Карчо гризаше каде што ќе стигне. На помош дојде и другиот волк. Дури тогаш песот беше речиси совладан и тоа за кратко време. Го гризаа за нозете, за вратот, за ушите. Кучето беше беспомошно. Се чинеше како да се предава. Ама го познав јас мојот пес оти сака да направи некој марифетлук. Штом така го згрчува телото и ги собира нозете кон себе, знаев дека ќе се превртува како сукало за да ги тргне острите вилици од себеси. Така направи и пред две години кога го совлада големиот карабаш на еден овчар од Кичево што сезонски го имаше таксано бачилото недалеку од овде. Тој збунувачки трик беше малку чуден, но ако успешно го изведе сега- ќе се спаси. Наеднаш како да му зовре крвта, чудно го изобличи ликот, дали од болки или од некја чудна сила што извира во секој што се надева и на најмалата надеж. Како да го гледав пред себе Болен Дојчин како со последни сили ги совладува сите што ја сквернават честа на убавата Ангелина. Почнав да викам како улав за да им го одвлечам вниманието на волците. Сакав да му порачам на другарот мој дека не е сам, дека тука е тој што го одгледал од кутре, тој што го хранел и што спиел крај него до топлиот вршник од кој лазеше убавата миризба на зелникот. Тие миговни сеќавања, кои не знам зошто баш сега ми се јавија в глава, како да допреа до него и како да му дадоа дополнителна сила. Неочекувано го направи тоа брзо вртење, рипна, се исправи на нозе и го фати младиот волк за врат, додека другиот во паника се нафрли и гризаше без контрола кај ќе стигне. Падна и третиот волк. Карчо знаеше дека во себеси веќе нема доволно сила и затоа без двоумење го зграби последниот волк за черепот и почна да стиска. Не знам каква храброст ми дојде, рипнав од дрвото и со една мотка почнав да го удирам волкот силно по грб. Карчо веднаш го префрли зафатот - сега врз вратот на волкот. Зграбениот врат почна силно да го тресе со своите последни сили, се додека не го задави и последниот волк.

            Откако битката заврши, кучето легна да одмори. Сувите бусови од мајчина душица се натопија со црвена јуначка крв. Почнав да му ја запирам. Од каде побрзо- од градите, од главата, од нозете... За половина час Карчо почина. Почнав да рикам од плачење. Дури тогаш доаѓаа стадата на другарите кои, кога слушнаа плачење, дотрчаа со сета сила. Одвај ме смирија и кога, гледајќи ги мртвите волци, почнаа да прашуваат што се случило, почнав неповрзано и со занес да раскажувам.

            Карчо го закопавме до дрвото и дури пред стемнување си отидовме дома. Ноќта сигурно дошле самовилите за да го одведат кај боговите мојот караман зашто само јунаци можат да стапнат во бескрајната вечност. Кога по триесет години за првпат дојдов во татковината и кога отидов да ги посетам гробот на караманот и крушката спасителка, тоа место беше преполно со викенд-куќи и воопшто не личеше како некогаш".

           

(Извадок од книгата "Македонско овчарско куче-караман" од авторите Влатко и Марјан Костовски, објавена во јануари 2004 година.)


 

Create a Free Website